Денес е празникот Сретение Господово. Зборот среќа произлегува од зборот сретение, среќавање, пред се со Господа. Од тука е денешниот наш празник Сретение и оние трогателни зборови: Сега го отпушташ Својот раб со мир, Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи, светлина за просветлување на незнабошците и слава на Твојот народ Израилот (Лука 2, 29-32) и кон Неговата Мајка: Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори. А и на Тебе Самата меч ќе Ти ја прободе душата, за да се откријат помислите на многу срца (Лука 2, 35), изречени од устата (срцето) на праведниот Симеон кој триста години го чекал тој настан и кога дошло време да се оствари и покрај својата старечка немоќ, поитал кон храмот да се сретне со Господа, затоа што, како воплотен Бог, Богочовек, требаше да биде донесен како младенче од неговите родители. Тогаш тој го познал, иако никогаш не го видел, го примил во неговите прегратки и го имал. Му се исполнила желбата за која постојал и живеел и толку време ја чекал.

Денешниот ден е и посветен на споменот на праведниот суд Божји, како подготвителна седмица пред големите пости и прославувањето на славното Христово воскресение.

Во ова евангелие, царот т.е Бог, ги дели луѓето на овци и кози, односно, добри и лоши. За Бога, сите сме исти. Бог не прави никаква разлика кај луѓето. Црни и бели, македонци, срби, австралијани или било некое афричко племе, за него сите сме исти и сите сме создадени според Божјиот образ и за вечна и љубовна заедница со Него, живиот и вечен Бог. Единствена разлика што Тој ја прави меѓу нас е поделбата на добри и лоши. Па и таа разлика ние самите ја одредуваме избирајки како ќе живееме. Но да внимаваме, не ние да ги делиме луѓето и да одредуваме кој е добар, а кој лош, току сеправедниот суд Божји, кој незнаме каков е, зашто судот Божји е над нашата падната логика.

И ако ги поврзаме овие два настани, едниот од минатото, другиот од иднината, ќе дојдеме до една допирна точка, а тоа е сегашнината која е и вечност, односно, ја определува вечноста.

Каков е нашиот однос кон луѓето, таков е и нашиот однос со Бога. Затоа што Бог се идентификува со секој еден од нас: Ако сме правеле добро, на Христос Бог сме му направиле и ако не сме направиле некому добро, на Бога не сме му направиле. …Вистина, ви велам: доколку сте (несте) го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (види Матеј 25, 35-40)
Некои викаат дека не грешат, на никому не направиле лошо, ама јас ќе речам, па не ни направиле ни добро. Отсуството на добро е само по себе лошо(то). Ако му ја одземиш светлината на денот, тогаш ќе настапи темнина. Каде нема светлина, темнина е. Каде нема добро, лошо(то) е.

Преку нашите конкретни добри дел се очистува нашето срце од страстите и таму, во очистеното срце, го среќаваме Бог и нашата радост и среќа е неизмерна. Го гледаме лицето на Бога и се радуваме.

Ако пак сме правеле лошо, односно не сме направиле добро, тогаш и неможеме да го најдеме местото на нашето срце и не можеме да го видиме Бога и да сме среќни. Од тука е потеклото на сите несреќи, страданија, тага, помраченија, депресии, од немањето и несреќавањето со Бога. И кога ќе дојде времето на праведниот суд Божји, тогаш ќе мораме да се видеме лице со лице со Бога и тогаш таа наша средба ќе биде за нас нестеќ(н)а и вечна мака.

Затоа треба да го фатиме моментот и да вршиме конкретни добри дела за да го наследиме царско небесно и вечната радост, и да не бидеме отстранети во пеколот во крајната темница во вечните маки. Нека милостивиот Бог, по молитвите на праведниот Симеон и пророчицата Ана, ни давам сила во тоа. Амин!