Apr
Петровиот плач
Откако св.ап.Петар се откажа од Христа и тоа три пати, запеа петел, односно кај него проработи совестта, и тој горко заплака. А ова му се случи заради својата самоувереност. Господ, кој ги знае срцата на сите, ги предупреди апостолате дека кога ќе дојде искушението, сите тие ќе го остават. Тогаш св.ап.Петар самоуверено и гордо избрзува и пред сите изјавува дека и сите да се соблазнат заради Него тој никогаш нема да се соблазне. На тоа Господ, Кој ги знае срцата на сите, со своето благо слово, мирно го укорува да не се превознесува оти тој ќе биде прв кој ќе се откаже од Него.
Доаѓа искушението, Господ се сокрива, благодатта се повлекува и Петар се откажува од Христа. Петелот запејува, се разбудува совестта, Петар се сеќава на својот грев и горко плаче. Плачи и жали зашто се одрече од Христа. Додека Христос беше со него, односно додека ја имаше во себе благодатта Божја, тој изјавуваше дека ќе биде со Христа и ќе умре за Него, а кога благодатта се повече тој трипати се одрече од Него.
Откако се одрече од својот Учител и Бог во неговото срце се насели покајниот плач, тој се криеше и постојано плачеше и го бараше загубениот Бог. Деноноќно повикување во длабочината на своето испразнето срце: Господи Исусе Христе, помилуј ме! Господи Исусе Христе, помилуј ме!…
И кога слушна за Него прв истрча да го види и да му падене пред нозете и побара прошка. Трчаа заедно со другиот ученик, кого Исус го љубеше. Петар и Јован. Покајанието и љубовта. Љубота трчаше побргу, ама покајанието прво влезе во гробот. Љубов без покајание не е љубов туку прелест, страст. Таму повикуваше: Каде си Исусе? Каде си Исусе, Боже мој? Но Него го немаше. Го најде само неговиот повој. Тоа значи Бог бара труд, напор, усрдност, да го бараме за да го најдеме.
И повторно ништо и повторно плач, но овој пат со една светлина на надеж дека Он е тука и од некаде ќе се појави. И кога доаѓа Исус, што мислите, како му било на светиот апостол Петар? Што се случувало во неговата душа? Во неговото срце?
Тој повторно го гледа својот Бог и Спасител. Господ му дава повторна шанса за покајание. Нов живот. Нова надеж. Нова љубов. Трипати, според трикратното откажување, го прашува: “Ме љубеж ли?” “Да Господи, Ти знаеш дека те љубам” беше одговорот и повторно Бог го прими Петра и Петар Бога и во неговот срце се всели безмерната преслатка благодат Божја и тој сакаше сам да е со Господа. Та и ученикот кого го љубесе Он, му пречеше. И дури тогаш Господ му дозволува да врви по Него, и го праќа на мисија.
Што значат овие настани, ако не дека сите ние заради своите гревови се откажуваме од Христа и тоа секојдневно. Гревот е отстапување од Христос, од Бог. Но Бог е милостив, Бог е љубов и Он ни дава начин на покајание и исправување на својот грешен живот. И дека без Бога, без Неговата благодат, не можеме да правиме ништо.
Сите ние имеме потреба од Бога. Сите ние сакаме да го пронајдеме Бога, cите ние сакаме да сме со Бога. А Бог, нашето срце го избра за свое место на пребивалиште, и таму треба да го бараме. Он е таму , се крие некаде и чека на нас да го пронајдеме. Скриен од мноштвото наши страсти во него(срцето). И таму треба непрестајно со плач да го бараме и повикуваме Неговото име. И кога ќе го најдеш, сакаш да бидеш само со Него, да му паднеш пред Неговите пренепорочни нозе, да го гушнеш и да го имаш.
Е затоа св.ап.Петар рекол: “ А овој пак зошто?”.
Господи Исусе Христе, по молитвите на светиот апостол Петар, помилуј не и дај ни да те имаме во срцата свои.
