Jul
Беседа
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,
Ова свето Евангелие има голема и богата содржина. Окото на нашето тело, односно на душата, е умот човечки кој, според она како што Господ нас не’ создал, треба да пребива во срцето. Енергијата преку која човекот ги спознава стварите е енергија на умот, која извира од Бога. Тоа е благодатта Божја и таа се наоѓа во срцето.
Од срцето извираат сите нешта, затоа ние треба најмногу да го чуваме нашето срце и не треба да го обременуваме со разни световни задоволства и потреби, за кои Самиот Господ не’ подучува дека бесловесните животни ниту јадат ниту сеат ниту предат ниту се грижат за своето тело, но сепак има Еден Кој се грижи за нив, и тие се поубави дури и од Соломон со сето своја убавина и богатство што го стекнал. А Тој Еден е Господ наш Исус Христос, тоа е Бог Света Троица, Создателот наш, Творецот на се’ видливо и невидлво, нашиот Промислител и Седржител. Значи, ако Бог не’ створил, тогаш Тој и се грижи за нас. Ако ние, се грижиме за нашите деца да им биде убавп и удобно. Нели велиме дека за нив работиме , за нив ги градиме куќите и за нив ги купуваме сите тие удобности, автомобили… Ако ние кои што сме лоши знаеме да го правиме тоа добро, тогаш колку повеќе нашиот Отец небесен. Меѓутоа , што треба? Треба да Му се предадеме, треба да ги отвориме нашите срца пред Бога и да имаме спокоен, тивок и мирен живот.
Стресовите ние самите си ги ствараме, исто како и болките, со тоа што ние самите се оттргнуваме од благодатната заедница со Бог, и наместо да му служиме на Бога ние му служиме на Мамона (демонот), а тој, пак, со себе носи зло. Ние треба да го чуваме нашето срце од сето злото.
Умот како словесен дел на душата го храни срцето. Односно, ако суштината на умот е чиста, што значи просветлена, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат светли; а ако пак суштината на умот е извалкана и затемнета од прифатените и во дело спроведени лоши помисли, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат темни. И ако умот во нас стане темнина, односно ако првата просветленост на енергијата на умот ја користиме за забележување и осудување на туѓите гревови а не на своите, тогаш каква ли ќе е темнината од зависта, љубомората, омразата …кон нашиот ближен. Тоа е темнината.
Храната на умот се нашите мисли и она што ние му го даваме. Она што читаме, она што го гледаме и она со што се занимава нашиот ум. Ако го читаме Светото Писмо, житијата на светиите, ако ги читаме нивните дела, ја созерцаваме природата, гледаме убави видео емисии за Бога и ако се просветлуваме со богоугодни разговори меѓу себе, тогаш и нашата енергија се просветлува и чисти, а со тоа и срцето се очистува и се ослободува од гревот и заробеноста од страстите. Ослободено од сите замки, нечистотии и потешкотии што се сејат од ѓаволот во срцето, тогаш нашиот ум се’ гледа чисто. Се е чисто, светло, добро, убаво и мило, и ние се радуваме на тоа.
Но, ако нашето срце го храниме со разна нечиста храна, односно го труеме со озборување, завидувист, љубомора, злопамтие, зборуваме лошо еден за друг, кога гледаме лоши филмови, кога читаме лоша литература… Сето тоа влегува во нашето срце и и тогаш нашата енергија односно ум се помрачува и на се гледа помрачено, и нечисто и се’ ни е лошо. И во рајот да не стават, ние ќе најдеме маани и рајот ќе ни биде пекол.
Затоа, браќа и сестри, да се поучиме од поуката која што Господ преку ова Евангелието ни ја дава. Да не се грижиме и пристрастуваме кон се’ она што е земно, туку да ги издигнеме нашите умови кон Бога, и пред се’, да го бараме царството на Бога и Неговата правда, а сето она што нам ни е потребно за нашето тело, Бог ќе ни го даде. Да Му се предадеме на Бог, да ги отвориме нашите срца пред Него, да ја зголемиме нашата вера, и на тој начиин и ќе станеме синови Божји и со-господари со Него и наследници на царството небесно. Амин!
