Sep
За подвигот на љубовта - Игумен Гаврил
Не смееме да си дозволам да имаме нешто против никого. Мојот однос кон другиот е и мојот однос кон Бога. Постои аскетска љубов и благодатна љубов. Ние сме создадени според образ Божји – Тој ја ставил љубовта како Негов печат во нас. Затоа што Бог е љубов и на нашата човечка природа и е својствено да љуби, тоа е благодатната љубов. Но бидејки сме носители на падната природа, знаеме и да не сакаме, но треба да сме свесни за таа наша слабост и тоа, дека треба да имаме љубов, тоа е аскетската љубов.
Ако јас имам некои лоши чувства кон некого дека ме повредил, треба да знам дека, тој не мене, туку мојата суета и моите страсти ги повредил. Треба да правиме разлика помеѓу овие две сосем различни нешта. Кога некој ќе не’ повреди, и ние се чувствуваме повредени, тоа е знак дека сме робови на гордоста и не сме чисти од страстите. Тоа е од паднатата човечка природа. Злото не постои. Тоа не е создадено од Бога, според тоа нема ни егзистенција. Злото го измислил ѓаволот и затоа тој е татко на гревот. На злото ние му даваме егзистенција. Тоа, преку помисла, ни се нуди и ако го прифатиме тогаш му даваме постоење. Во спротивно, ќе се појави и ќе го снема.
Болката е својство и последица од гревот и состојба после падот. Колку повеќе сме чисти толку помалку страдаме и обратно. Љубовта е апсолтна позитивност. Кај светите луѓе, бидејки Божествената благодат го проникнало и нивното тело, тоа станува продуховено, така да и страданијата кои им ги нанесувале мачителите не ги ги чувствувале, а во душата наместо болка, чувствувале радост.
Ако имаме љубов, тогаш и ќе простиме на секој и ќе се помолиме за него. Но бидејки горди и самобендисани, биваме повредувани во нашето его и затоа ние се помрачуваме, оладува и се стврднува нашето срце, а со тоа и страдаме во душата. Сите гревови потекнуваат од гордоста. За оние кои се чисти и го очистиле своето срце од страстите тие љубат безрезервно, па што и да и направиме. Најголем пример за тоа е Господ, Кој безгрешен, кога го навредувале, биеле, плукале и исмејувале не ги проколнал туку, им простил: “прости им Господи, не знаат што прават”. Исто и со свети Стефан првомаченк, и еден друг светител, за кого пратиле војници за да го убијат, но тие не знаеле кого треба да убијат. Светителот убаво ги примал, ги нагостил и на крајот им рекол да го извршат тоа за кое дошле и им се открил. Исус дури ги измил нозете на Својот предавник.
Овој свет не ни дава никаква сигурност, туку Бог е нашата сигурност. Ако во наште срца чувствуваме дека не сакаме некого значи не сме хриситијани, го немаме Христос и нема да го здобиеме Царството Небесно. Треба да се молиме за таквите. Во христијанството нема пораз. Во моментите кога мислиме дека сме најпоразени, тогаш Господ е со нас и ние сме најсилни. Господ дури и на крст пошол. Со секоја таква наша борба и победа ние имаме венци на небесата. Секоја борба е добивка. Затоа Господ вели ќе и даде 100 пати повеќе на оние што одат по Него.
Целата работа е во борбата помеѓу гордоста и смирението во нас. Ќе се смириме, ќе премолчиме имајќи ја мислата дека ние сме виновни и Господ ќе е со нас преку Неговата благодат. Но ако сме горди никогаш нема да најдеме мир и спокој за нашите души. Ако нема да се смириме и простиме, ќе го паметиме тоа цел живот и ќе ни биде товар на душата и совеста. Ако ја имаме самата љубов во нас ќе имаме и мир, спокојство, тишина, благодат… а сето тоа што ја нарушува таа наша состојба и ни пречи, треба да ја отфрлиме, па дури и најмалата помисла.
Ако велам дека те сакам, а ти ми направиш нешто лошо, а јас не ти простам, тогаш со што покажувам дека те сакам? Од друга страна, ако ти простам, се измирувам самиот со себе. А ако не ти ни замерувам и имам љубов кон тебе, секоја помисла ќе ја отфрлам како туѓа и непријателска. Важно е како ќе го обработиме тоа во срцето. Од најтврди картони можеме да направиме најмеки салфетки, но и од златото можеме да направиме куршуми за убивање. Затоа е потребно да се има искусен духовен отец, на кој ќе се исповедаме, и секој негов совет ќе го прифатаме без испитување и се подвизуваме во љубовта. Бадијала одиме на Црква, ако немаме љубов. Секој благодатен дар зависи од нас. Господ сака да ни ги даде, но ние треба да се отвориме и да бидеме подготвени да ги примиме и чуваме.
Треба да сме едноставни и прости . Ние сме комлицирани и сложени, неискрени кон Бога и себе, и тоа е нашиот проблем. Ако јас си признаам дека имам помисли кон некој и ги исповедам, ќе поминат, но ако не признавам и не ги исповедам, тие ќе преминат на дело. Ако сме горди, го затвораме своето срце, а ако сме смирени - го отвараме. Треба да имаме љубов кон сите. Во Евангелието се вели дека кога некој ме сака мене, лесно е да го сакам и јас него, но проверката на нашата љубов е дали ќе го сакаме оној што не не‘ сака. Се повредуваме затоа што сме горди, само за да се покажеме подобри од другите.
Вреди да се подвизуваме во љубовта и да го наследиме благословот на св.ап. Павле: Љубовта на Бога Оца, благодатта на Исуса Христа и заедницата на Светиот Дух да бидат со сите нас.

Helo sunshin Australia. Еве сега ја прочитав беседата за распнатата љубов. Видов дека живееш во Австралија, ти посакувам плодна пастирска служба, да Го сведочиш Христос помеѓу нашинците. Поздрав до о. Гаврил.
October 19th, 2009 at 5:57 pm