Oct
За милосрдноста - Игумен Гаврил
Со воплотувањето Христово и објавувањето на Новиот Завет се донесе и нов живот во Светиот Дух, со обновени и преобразени правила. Во Стариот Закон владеел законот око за око, заб за заб и законот да ги мраземе своите непријатели ( Мат. 5, 38-43), а како што слушате сега, Христос објавува нешто сосем друго. Со доаѓањето Христово Исус Христос дојде доброволно, не по наша заслуга, ниту пак ние го баравме, оти за жал, малкумина останаа од тие што Го бараат, меѓутоа дојде заради Неговата голема милост, и не за негови потреби, туку заради наши потреби. Тој не засака поради својата онтолошка слобода што ја има во своето битие, кое што е љубовта, затоа и „не можеше“ да не дојде, „не можеше“ да не не создаде, „не можеше“ да не не помилува, едноставно затоа што Тој е љубов. Така и ние, браќа и сестри, ако сакаме да се нарекуваме христијани, треба да Го сакаме Христос и да го имаме Христос. Да се трудиме, како што светиот апостол Павле вели, да не се фалиме со самите себе, туку да се фалиме со милоста Божја заради која Тој ни ги дарува тие дарови и дури не уподобува на Него и не воздигнува до Неговите височини и созерцанието Негово.
Меѓутоа, Бог и не учи како тоа да го постигнеме. А тоа пред се се постигнува со труд, напор и бдеење над себе си. Односно, во почетокот кога Бог го создал човекот и го сместил во рајот му дал само една заповед, да не јаде од дрвото на познанието на доброто и злото затоа што сеуште не било време, затоа што уште не бил доволно возрасен да ги прими тие плодови, а се друго му било дадено и потчинето. Немал потреба од напор, мака, тешкотија… се имал во рајот и со се бил задоволен. Но тој не ја послушал ниту таа заповед и паднал. Затоа го добил проклетството на земјата, да се мачи и со пот да го стекнува лебот. Тој леб значи телесниот леб но и бладодатта на Светиот Дух, а нивата ќе му раѓа трње и трскот, таа нива е нашето срце – затоа во нашето срце денес, се раѓаат зли помисли, намери, желби и чуства кои што ние сме ги стекнале угодувајќи на самите себе.
Сега треба повторно да го очистиме срцето од страстите и да се вратиме на почетокот. Затоа Господ ни го дава Својот живот како пример за достигнување на таа состојба во која што ќе ја покажеме својата љубов безрезервно, без да бараме нешто за возврат, или без некој интерес, едноставно затоа што сакаме да љубиме. Тоа е безусловна љубов, каква што е и Божјата. Во почетокот тоа е тешко заради нашата заробеност од страстите и демонот кој стои зад нив и ни пречи, меѓутоа Господ и не учи преку ова Евангелие, преку овие зборови упатени до секој од нас- бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец небесен .
Значи, милоста, браќа и сестри, е основно правило со кое што ние треба да го достигнеме она за кое што Господ не создал и за кое што Господ дошол на земјата. Милоста значи отворање на своето срце, милостивоста значи присутност на благодат, Божја карактеристика… само тогаш ние можеме да се наречеме христијани и само тогаш можеме да се надеваме на спасението Божјо. Се до тогаш, ние сме робови на гревот и на ѓаволот и сеуште живееме во Стариот Завет каде важи тоа око за око заб за заб, и сеуште го немаме Христос во себе и Тој сеуште не дошол Христос за нас, па и затоа не можеме да се наречеме христијани.
Господ не учи да постапуваме со луѓето така како што ние сакаме тие да постапуваат со нас. Ние не сакаме никој да не малтретира, никој да не не мачи, да не онеправдува… едноставно сакаме да не сакаат и милуват. Затоа и ние да постапуваме со другите како што сакаме и тие да постапуваат со нас, па според тоа правило ако сите така постапуваме тогаш рајот ќе постигнеме уште тука на земјата. Со неисполнувањето на ова основно правило во духовниот живот, го создаваме пеколот во нас и меѓу нас. Од друга страна пак, сите сме должници Божји и ако сакаме милост од Бога, тогаш и ние треба да бидеме милостиви. И овде вели дека ако даваме нешто на заем за да ни вратат, или ако љубиме некој за да ни возврати со својата љубов, тогаш љубов нема. Тоа е интерес. Затоа што љубовта како што реков потекнува од Бог, а таа е безпричинска – јас љубам затоа што сакам да љубам од своето битие, од своето јас, без разлика дали мене ќе ми се врати или нема да ми се врати. Според она, повторно ќе се вратам, да постапуваме со луѓето како што ние сакаме да постапуваат со нас. Повторно се се врти во круг, тој блажен круг на Божјото присуство во веки веков. А тоа е љубовта.
Сега, малку една мала критика според тоа колку ние на дело постапуваме според овие евангелски зборови. Неколку недели по ред повторуваме да се помогне на братството на св. Јован Бигорски зато што тие имаат потреба, затоа што тие се мачат таму во нивните срца, и телесно и духовно страдаат, страдаат заради претрпената несреќа што никој не ја посакува, за жал, ние остануваме нечувствителни и малкумина од нас донираа, помогнаа за да може да се обнови тоа наше светилиште кое е срцето на МПЦ, на македонската духовност.
Како прво, како што реков, треба да постапиме од љубов, затоа што сакам да помогнам. Второ, ако сакаме да ги исполниме овие зборови Христови да постапуваме со другите како што сакаме тие да постапуваат со нас. А тоа е, не дај Боже, ако нам ни се случи некоја несреќа тогаш ние ќе бараме помош, па дури и ќе ги осудуваме оние кои нема да ни помогнат. Така да, ако ние бараме од некој да ни помогне, тогаш и ние да им помогнеме и на оние што имаат потреба од помош. Трето, тоа е навистина поддржување на самите себе, како МПЦ и македонштината воопшто и четврто , затоа што тие браќа таму не живеат за себе, тие целиот свој живот му го предале на Бога и на сите нас, молејќи се непрестајно секој ден за спасение на нашите души и по нивните плодови многу луѓе нашле спас, особено децата кои се заробени од болеста на наркоманијата. Затоа, браќа и сестри, ако сакаме луѓето да постапуваат милостиво спрема нас, и ние да постапуваме милостиво спрема тие што имаат потреба. Амин.
