St Prohor Pchinski Monastary - Donnybrook
19
Feb

Литургија на Претходно-осветените дарови - Игумен Гаврил

Литургијата е од една страна, реална животна средина, а друга страна, извор од кој ние се храниме со непропадлива храна. И заради тоа нас ни е потребно да живееме во таа атмосфера и да се храниме со таа храна. Затоа и Господ пред да биде распнат, пред да умре на Крстот, да воскресне и се вознесе, ни ја покажа и даде вистинската храна - Телото и Крвта Негова. Пред да се вознесе на небесата Тој им вети на своите апостоли дека ќе им го испрати Утешителот, Духот на Вистината, и Тој тоа го исполни на Педесетница со што и ја оформи Црквата, и затоа Црквата е нашето вистинско место во кое живееме и св Причест е нашата вистинска храна и пиење со кои се храниме и надвор од тоа нема живот.

Литургијата е радосно битие. Кога Го прашале Христа, зошто апостолите не постат, Тој им одговорил дека, додека е Младоженецот со нив тие не можат да постат, туку да се радуваат бидејќи младоженецот е со нив. Тоа таговно време е сегашното време деновите на строг пост. Во тие денови светите отци определиле дека не треба да се служи света Литургија. Затоа за времена велигденските пости не се служи Литургија од Понеделник до Петок.

Св Причест, како што рековме е нашето вистинско јадење и пиење од кои примаме живот вечен, и затоа требало да се најде начин верните да можат да се причестуваат и за време на тие таговни денови. Во првите векови кога христијаните биле гонети, Литургија се служела во Недела и на сите верни свештеникот, поточно Епскопот, им давал причест од масата (тогаш немало олтар, се било откриено) и си го носеле дома и се причестувале секој ден. Кога се дозволила слобода за христијанската вероисповест, немало повеќе потреба да се зема дома, зашто секој ден можело да се служи Литургија. Подоцна само монасите кои живееле во пустина се причестувале со причест која ја земале со себе а пред да се причестат си кажувале некои молитви.

Кога се официјализирала Црквата, кога била универзално објавена во Византија, службите добиваат великолепие, но светите отци сакале да ги задржат двете правила - и да не се служи Литургија поради жалењето, и да се причестат. Затоа светите отци од источната Црква го измслиле овој начин на причест, кој во суштина е вечерна служба со Причестување и заради причестниот карактер го добила и името Литургија на предходно осветени дарови.

Се мисли дека св Григориј Двоеслов папа Римски го измислил овој начин на служење но не е така, туку тој само го актуализирал и прославил (фаворизирал). Кога тој дошол во Византија видел дека така служат и му се допаднало па кога се вратил во Рим го вовел тој начин на молитва, затоа што до тоа време во Рим сеуште за Велигденските пости се служила свечена Литургија. Затоа на претходната Литургија, во Недела, се вадат толку агнеци и се осветуваат колку што сакаме да имаме такви Литургии преку текот на седмицата. Кога се служи пак таква Литургија не кажуваме никакви молитви за осветување, туку само молитвите за Причест, зашто се е направено во Неделата. Таа се смета како продолжена Литургија, затоа почнува со Благословено е царството… и нема призив на Св Дух. Кога свештеникот се облекува има да кажува молитви, но тука нема. Кога се завршува чинот се вели: По молитвите на св отци наши… Во триодот пишува дека Среда и Петок се служи Литургија, но тоа не е апсолутно правило кое забранува да се служи Литургија секој ден затоа што се вели … и ако падне во некој од тие денови спомен на некој светител. Само на Благовештение може да се служи Литургија во постите.

Св отци определиле пост евхаристиски-на нејадењеодносно подготовка пред причеста, и аскетски пост- кој го практикуваме сегкогаш за да бидеме поблиску до Бога и да се чистиме од страстите, а доминацијата на телото да ја намалиме во однос на духот. Тој евхаристиски пост нема канон за колку да се гладува пред причест, туку има само правила кои ги дале локални цркви а тие се од 5 до 8 часа и затоа духовниот отец одредува некоја средина.

Самото причестување навечер има поубава суштина - нашиот живот и стремеж го полагаме кон богосоединување. Се стремиме да на крајот од денот, како на крајот од животот, да се соединиме со Бога. Цел ден сме постеле и возджувале за на крајот на денот подготвени се причестиме со Телото и Крвта Христови. Според мене наутро се служи поради слабоста и урбаноста на денешното време и општество, а со цел само за да можат верниците да е причестат кои пак за жал не го користат ова нивно право. Се стремиме кон богосоединување, на крајот на денот да се причестиме, но убаво е и кога го почнуваме денот со причест.

Литургијата почнува со обична вечерна со возгласот: Благословено е царството… што покажува дека ја продолжуваме таа Литургија од Неделата. Во почеток се е истокакона секоја празнична вечерна Богослужба, се чита 103 псалм, кој е псалм во спомен на изгонувањето на Адам од рајот, затоа свештеникот ги чита молитвите надвор од олтар пред Царските двери. се кажува една катизма од псалмите кога свештеникот ги подготвува даровите на трпезата каде го носи и дискосот, се става Агнецот, се кади, се носи на проскомидијата, се полива вино и вода во причестта, се кади и се е без моитви за осветување. Потоа ја пееме Господи повикав и почнува пеењето на стихирите на денот и светителот и вход со кадилница, а кога се чита Евенгелие, тогаш се прави вход со Евангелие.

Потоа се читаат паримиите- дел од Стариот Завет од Првата книга битие, мудростите соломонови или од книгаста за Јов тогаш свештеникот зема свеќник и го става врз евангелието со што се покажува дека она што пророците од Стариот Завет го навестувале, во Новиот Завет се исполнило. Затоа свештеникот потоа вели Простум, да застанеме, како некогаш архангел Михаил кога застанал пред гаволот и неговата војска и рекол Премудрост, Да внимаваме, но со подготвеност дека тоа што ќе се прочита треба да го исполниме. Светлината Христова ги просаветува сите - и се клекнува. И почнува со Да се исправи молитвата моја…

Нешто ново што се среќава на ова Богослужба се пеењето на стиховите Да се исправи молитвата моја со читање на одредени стихови од псалмите. Свештеникот чита стихови, па потоа народот пее да се исправи. Ова се прави од две певници и додека едните пеат другите клечат, и обратно. Тоа е една убавина. И ако не може подруго, тогаш главата благо се наведнува од почит. Сите клекнуваат на крајот, па сите стануваат. Потоа се кажува молитвата на огласените останато од времето кога околу Велигден масовно секрштевале за тие кои што се крштевале да можат на Велигден да се причестат. Молитвите пак, за подготовка за причест и благодарствените после причест на ова Богослужба не се исти како од Златоустовата.

Кога треба да се објави свтињата е за светиите, сега нагласуваме претходно осветените светињи се за светиите и не го подигаме повторно Агнецот туку затскриен со покривките од дискосот го допираме со прстот посочувајќи за која светиња се работи, а верниот народ благо ги приклонуваат своите глави покажувајќи знак на благоговение(побожност). Во Недела, кога се благословуваат не велиме благослови ги овие лебови туку овој леб кој е само еден зашто само еден е Христос Кој се раздробува и не се разделува секогаш јаден и никогаш недојаден, а тоа е Лебот кој и го дал лично Господ Исус Христос на апостолате на Тајната вечера и Он е Тој Кој Го дава или поточно Самиот се раздава. Тоа се случува таинствено и ние учествуваме на истата Литургија со Исус Христос и апостолите.

За време на херувимската песна, даровите се принесуваат на Господ, и не е симболично туку таинствено и реално. Тогаш сите дарови, сета вселена, сета твар се принесува на Господ. Архиерејот кој е икона Божја ги прима и ги принесува овие дарови на Бога и ги полага на престолот Божі а заедно со нив и сите нас и сета креација Божја. Тие дарови веќе се пренесени и осветени на предходната Литургија моја заради нагласениот аскетизам за време на постите се служи Василиевата Литургија, и сега јас го држам Господ цел во моите раце и заради мојата недостојност воздухот (покривката) е над мојата глава. Затоа ја нема херувимската песна туку песната: Сега сите небесни сили со нас невидливо служат; затоа што, ете, влегува Царот на славата, ете тајната жртва е извршена и свечено се принесува.

И на крајот откако ќе ги испееме сите песни и ги прочитаме молитвите и Оче наш кои во ова Литургија се како молитви пред причест на крајот од денот ние го примаме Христа и се причестуваме и затоа ја пееме песната: Лебот небесен и чашата животна примете ги, вкусете и ќе видите колку е благ Господ; алилуја, алилуја, алилуја.

Многу е убава и задамвоната молитва што свештеникот откако ќе го повика причестениот и, со Светите Тајни, обожен, верен народ, со мир и просветлен со светлината Божја, повторно да излезе во светот и да ја сведочи таа дарувана светлина од Бога, да го слави и прославува Него.

Свештеникот се моли: Владико седржителе, Кој сите творби премудро си ги сотворил и со Твојата неискажлива промисла и голема добрина си не вовел во овие пречесни дни, за очистување на душите и телата, за воздржување на страстите, за надеж за воскресение; Кој по 40 дни му ги даде богонацртаните таблици на Твојот угодник Мојсеј, подари ни и нам, со добар подвиг да се подвизуваме, текот на постот да го завршиме, верата неразделена да ја зачуваме , уништувајќи главата на невидливата змија, да се покажеме победници над гревот и неосудно да можеме да му се поклониме на Твоето Свето Воскресение. И потоа тивко во олтарот вели: Господи Боже наш, воведувајќи не во овие пречесни денови и присоединувајќи не со Твоите страшни тајни, собери не нас, Твоето словесно стадо и покажи не наследици на Твоето Царство, постојано сега секогаш и во сите векови. Амин.

Литургијата на претходно осветените дарови е утврдена и се служат само за верните да се причестат на неа, а денес, за жал, никој не се причестува. Малкумина се тие што ја служат ова Литургија, уште помалку се тие што доагат на неа, а пак скоро и да ги нема оние што се причестуваат. Каде е нашата вера, нашата ревност, нашата љубов…? Ние не правиме ништо за Бога, сме станале бесчувствителни за Бога, но и за нашето спасение. Време на пости е. Да се покаеме и да принесиме искрени покајни солзи пред престолот на Бога за да си ги измиеме нашите срца од старстите ид а можеме достојно да се причестиме и учествуваме во славното и спасително Христово Воскресение.Амин

Друго: Јереј д-р Сашо Наков - ЛИТУРГИЈА НА ПРЕТХОДНООСВЕТЕНИТЕ ДАРОВИ

Leave a Reply

With Blessing From His Eminence Bishop Petar

© 2010 Macedonian Orthodox Monastery St. Prohor Pchinski | Entries (RSS) and Comments (RSS)