Mar
За страдањата
Бог е Творецот на се видливо и невидливо, и во Негова контрола е сето создание. Тој е апсолутното Добро, според тоа и Неговото творение е добро. Виде Бог дека е се добро… (И Мој1, 1-13) Денес, пак, сме соочени со фактот дека работите не стојат така како што биле од почетокот. Денес творението не е сето добро. Луѓето станале лоши, животните диви, а природата непокорна. Причината за тоа е што човекот своеволно се одделил од Бога. Прекршувајки ја Божјата заповед ние онтолошки сме се одделиле од изворот на доброто и нашата природата се извитоперила, со што се создал конфликт во нас, противречност, борба, немир. Господ вели дека кој не е со Него, тогаш тој е против Него… кој не собира со Него тој растура и ништо нема заедничко помеѓу светлината и темнината.
На нас, како круна на твоернието Божјо, ни дал да станеме богови по благодат и да бидеме совршени и свети, а според мерата од нашето воздигнување кон Бог да ја принесуваме и прородата на Бог и ја продуховиме. Но со човекот се случи спротивното. Човекот не се освети и самиот себе не се принесе на Бог, туку тој се прнесе на материјалното. Односно место тој да го привлекува материјаното, материјаното го приврекло човекот и затоа неговиот живот станува неприроден, робски и мачен. Адам и Ева згрешија и сите грешиме. Нема никој на замјата безгрешен освен единствениот Бог, сите ние сме грешни, и според тоа и сите сме предадени на страданија. Страданијата во рајот не постоеле. Тие се нешто неприродно, и тие се последица на гревот и продукт на ѓаволската злоба.
Секој што се родил страда во животот. Срадањата се дел од земниот живот и се неизбежни. Меѓутоа зошто страдаме? Многумина мислат дека ова прашање нема одговор, особено оние кои се далеку од Бог.
Различни религии и философии различно одговараат на ова прашање. Во своите барања на смислата на животот, разните философии не биле во состојба точно да ги определат причините и смислата на старданието. Во своите длабоки размислувања за човековиот живот, тие успевале да стигнат само до меден степен до создавањето на одделни идеи, несомнено големи според својата содржина, но сосема безнадежни според својата сила. Нивното учење не му помага на човекот да ја осмисли причината и суштината на сраданијата туку можат само да го фрлат во очај, растројство, песимизам и безнадежност. Единстено Христос ја открива таа тајна. Затоа и Христос се воплотил, за да ни ја открие вистината, да не подигне и не поведе кон таа Вистина. Само Христос ги осмислува страданијата и животот воопшто. Со Христовото доаѓање на земјата човечките страдања не исчезнале туку тие добиваат смисол и цел на животот и претставуваат извор на спасение. Од преголема љубов Господ го даде Својот Син и преку Неговата смрт и воскресение да ја обнови падната човекова природа и да ни ја врати благодатта.
Кога се раѓаме, ние плачеме и ги стегаме тупаниците зашто нашиот живот овде на земјата е во изгнанство, плач и борба, (подвиг). И при светата тајна Крштение, кога се раѓаме духовно, при чинот на огласувањето застануваме кон запад се откажуваме од ѓаволот и плукаме на него. Со тоа ние му обајвуваме војна на ѓаволот и застануваме во фронтална борба со страстите и сето служење нему. Повторно борба и подвиг. А зошто? За да се ослободиме од неговото ропство, од неговата гордост, нашите страданијата и смртта. За да го очистиме нашето срце од страстите и да станеме слободни во Христос и богови по благодат, она за коешто Бог не создал.
Секој од нас страда. Прво, лично заради своите гревови, според тежината на престапот и второ, заради првородениот грев кој е наследен од праотците и нашите предци, за кое веќе зборувавме. Потоа, може да страдаме и заради гревовите на нашите ближни исто и тие заради нашите, а светите страдаат и заради злобата демонска, за надградување и растење на духот во Христос. Страданијата треба да ги поделиме на надворешни и внатрешни, односно, телесни и душевни (духовни страданија).
Онтолошки веќе одговоривме зашто ние стардаме, сега ќе се обидеме страданијата да ги објасниме од аспект на христијанската атрополошка сотириологија, која е подвижничка.
Сите ние помалку или повеќе грешиме. Непросветлени со вистинската светлина која е благодатта на Светиот Дух, бидејќи немаме Христов ум туку сеуште размислувајки со паднат и овоземски ум, непознавајки ја вистината и смислата за страданијата можеме да кажеме дека Бог не е праведен кога страдаат невините. Колку и да сме праведни сепак спрема Бога сме грешни а, единствено само Он е безгрешен и сака сите да дојдат до спознание на вистината и се да спасат, а тоа е да поверуваат во Него. Никој на земјата не е без грев освен единиот Бог, а „невините“ кои страдаат што не се свесни за Господ – тоа им е како предупредување за да се освестат и разбудат. Да спознаат дека Бог постои и дека само во Него е спасението и животот и си ја спасат душата .
Оние што не ги поднесуваат маките Христа ради, заради подвиг на исцелување на срцето од страстите и своето спасението, тие за жал, и тука и горе ќе страдаат. Но Господ ни праќа знаци. Треба да се покаеме и да се обратиме кон Христос Бог и да застанеме на тој пат на борбата против ѓаволот и стастите. Кога се раѓаме телесно, и кога се раѓаме духовно преку водата ние таа борба ја објавуваме. Исто така и со покајанието, кое Бог ни го дал како повторно раѓање, и повторно застанување на лице во лице со гревот и страстите, повторно таа борба ја објавуваме. Крвоточивата жена 12 год барала помош кај лекарите, т.е во световните задоволства, но и било уште потешко. Само Христос е лекарот, и кога таа го сфатила тоа и со вера и покајание само што се допрела до Неговата облека, добила исцеление и осмислување на својот живот. Тука е радоста, спасението и просветлението, кога ќе се допреме до Бог. Ние не можеме во присуството на Бога да бидеме тажни и депресивни. Затоа и светите апостоли Петар, Јаков и Јован, кога се качиле на Тавор, заборавиле на се, затоа што биле со Христос, го виделе како вистински Бог.
Исто така во своето непросветление и незнање ќе кажеме дека грешниците на замјата биваат наградувани наместо казнувани.
Грешниците привидно се наградувани и имаат блаженство на земјата. Така е затоа што главните сили на општесвото се откажале од Бога и Неговите принципи и свесно или несвесно му служат на ѓаволот, па според тоа и гревот место да се казнува се наградува. Со допуштение Божјо паднатите сили на поднебесието управуват со светот. Со Грешниците можеби ќе се залажат со задоволство или награда, но тоа не е реално. Душата го бара Бога и таа сака да е со Бог и сака да ги надмине тие страданија, но умот кој е помрачен и горд, пречи. За да ја ублажат таа внатрешна борба, тие тој недостаток го пренасочуваат на нешто друго, некоја нивна страст која им дава лажна утеха и спокојство, но нивната совест е обременета и преоптоварена и нивниот крај е жалосен, а понатамошната вечна егзистенција е уште пострашна. Исто како богатиот и Лазар. Богатиот добил на земјата се, но на крај би бил задоволен само ако Лазар го накваси прстот и му го разлади јазикот. Во житијата на светиите е запишан еден настан со св. Макариј Египетски. Еден ден св. Макариј пешачел во пустината и случајно со својот стап удрил по некој човечки череп. Черепот му проговорил и св. Макариј го запрашал кој е, а како добил одговорот дека тој бил незнабожечки жрец (свештеник) и дека сега е во пеколот св. Макариј го прашал како е таму. Черепот одговорил дека најголемата мака таму било тоа што никој на никој неможе да му го виде лицето. Пеколот е во нарушените личносни односи мегу себе и Бога и крајната осаменост (современиот идивидуализам нели потсеќа на ова состојба?).
После паѓањето човекот веќе не е потоплн човек затоа и Господ Исус Христос дојде на светот за да го подигне, обнови, обожи паднатиот образ човечки. Во тој процес главно се забележуваат три степени. Тоа се трите степени во духовниот живот на човекот:
- Очистување на срцето од страстите
- Просветлување на умот и
- Обожение на целата личност човечка
Секој степен или период во тој процес се карактеризираат и со свои посебни специфики.
- Првиот степен
На првиот степен од духовниот живот нашето срце е извалкано од страстите, а нашиот ум помрачен и ние, за жал, сме робови на страстите и гревовите, односно ѓаволот.
Умот е словесниот дел на човековата душа кој треба да е водач, да го чува срцето чисто и води кон Бога. Сега пак тој, немоќен и помрачен бива „шетан“ од страстите кои се наоѓаат во срцето. Искушенијата на овој степен доаѓаат одвнатре од нашето острастено срце.
Лекот за повратување на паднатиот образ Божји во нас ни го кажа Господ Исус Христос: Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за ду-
шите ваши; Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно. (Мат.11;28,29),и Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. (Мат. 8; 34).
Треба да освестиме и признаеме дека сме болни, односно паднати и грешни. После падот, гревот толку многу навлегува, завладејува и се поистуветува со човекот така што откажувањето од себе е неминовно за неговото исцеление. Значи, откажувањето од себе и умирањето за светот е основниот предуслов за нашето исцеление и подигање.
Причината за падот е гордоста па според тоа и лекот треба да биде според болеста. Затоа секој треба да се предаде во совршено послушание на духовен отец и според тоа колку му се предал И колку му е послушен толку ќе биде и исцелен (излекуван).
Крстот што треба да го понесиме во овој период се состои од смирено прифаќање на сите ситуации, околности и личности околку нас. Да сметаме дека се е од Бога и заради наше спасение. Да претрпиме секого и за се што ни се случува да се сметаме ние за виновни. За доброто, но и за лошото, да му благодариме на Бога, зашто тоа што нам ни изгледа лошо во суштина е добро. Бог кој е апсолутно добар, од Неговата суштина неможе да излезе нешто лошо, туку лоши сме ние, лоша е нашата енергија во нас зашто е горда и помрачена и заради своето себељубие се повредуваме и биваме повредувани. Дека е така можете да забележиме од тоа дека за иста ситуација во различен период од духовниот живот различно реагираме, што значи дека проблемот не е надворешен туку внатрешен, внатре во нас.
Господ е милостив и секогаш ни дава соодветни лекарства за исцеление на нашата болна душа. Пред се преку два начина. Прво со волев напор за очистување на срцето односно доброволно носење на Крстот во секој подвиг во послушание со пост, метании, редовност и стоење на Богослужбите, подвигот во молитвата итн и преку неволни страданија и маки со носење на Крстот не по наша волја, тику по Божја волја во смиреното претрпување на сите искушенија дадени од Него.
Навредата, понижувањето, озборувањето, исмевањето, неправедното обвинување се најдобриот лек за нашата гордост, суета и високомислење за себе. Доживувањата на овие неволни страданија е и најдобар начин за проверка на нашата духовна состојба, односно чистотата на нашите срца и затоа не треба да се правдаме, лутиме или бунтуваме против оние од кого тоа искушение доаѓа, туку со радост да си речиме: Фала ти Боже што се сеќаваш на мене па ме посетуваш, дојде време да ми се прости некој грев и за мое подигање и растење, нека е благословено името Господово. Секое правдање е паѓање, слегнување од Крстот што Господ ни го дава за наше спасение и непиење на лекот за нашето исцеление. Кога со благодарност ја претруваме болката, болеста, сиромаштвото, потчинетоста, световната немоќ и секаква немоќ, се соодветни лекарства за нашето исцеление и подигање на првиот степен од духовниот живот.
- Вториот степен
На вториот степен, откако доволно ќе се исчисти срцето од страстите, подвигот се состои во борбата за негово доочистување и просветлување на суштината на умот. Сега, бидејќи срцето е доволно очистено од страстите, ѓавлот неможе лесно да влијае и искушува одвнатре, тој поттикнува други луѓе, како негови орудија за напад и искушување однадвор. Подвигот или Крстот на овој степен се состои од возвраќање на искушенијата со љубов кон секој од кого тоа искушение доаѓа, без различка дали искушението доаѓа од нашите ближни или нашите “непријатели кои во суштина се наши најголеми пријатели бидејќи тие најмногу ни помагаат во подвигот на љубовта и духовното восовршување. Затоа и секого треба да го гледаме како свој брат (сестра) и ближен.
Христос беше распнат со раширени раце за сите и ги прими во Себе во Своето срце. Љубовта кон непријателот е конечно уништување на секоја суета, високо мислење за себе и гордост во нас.
- Третиот степен
И на третиот степен на обожување на сета личност човекова, срцето и суштината на умот се чисти и во нив човекољубивиот Господ ја излеал сета полнота на Својата благодат (повторно се актуализирала крштенската благодат), подвижникот непрестајно се насладува и напојува од неа и веќе не е од овој свет, туку тој уште сега живее во идниот век, во неговото срце уште сега и овде се зацарило Царството Божјо, а неговиот ум непрестајно пребива во височините Божји.
На овој степен од духовниот живот како и да нема искушенија. Не дека нема искушенија, затоа што со напредувањето во духовниот живот и големината на искушенијата се зголемува, но сега, заради неизмерната благодат што подвижникот ја поседува, тие како и да не постојат. Можноста за пад не е исклучена и на овој степен од духовниот раст, зашто сега демонот знае да напаѓа и директно, но скоро е невозможна. Крстот на овој степен се состои од благодатно и благодарстено поднесување на се и љубов кон сите без исклучок.
Подигањето, обновувањето и вподобувањето на паднатиот образ човечки е соодветен на секој од трите степени од духовниот живот со своите карактеристики. Подигањето со првиот степен на очисувањето на срцето од страстите, обновувањето со вториот на просветлувањето на умот, кој е и природната состојба на Адам и Ева пред паѓањето и вподобувањето е обожувањето на личноста односно човекот за која и состојба сме повикани и создадени. Според образ и подобие Божјо. Бог стана човек, за човекот да стане Бог.
Рековме дека наша единствена цел овде на земјата е стекнувањето на Царството Божјо и живеењето за идниот век, та затоа и не треба да се грижиме многу за овој минлив, материјален, распадлив свет кој во зло лежи и чиј господар е антихристот со неговите паданати ангели (демони) на поднебесието, туку да го презриме и ги подигнеме нашите срца кон Господа во Кого е сета наша надеж и да се смириме и откажеме од себе, да го земеме својот Крст и тргнеме по Христос нашиот единствен Господ Бог и Спасител.
Времето напразно ни поминува во самоправдување, самоизмама, прелест и помраченост. Нема што да чекаме и да губиме. Да се откажиме од своето грешно јас, да го земеме својот Крст и да појдеме по Христос.
Кога ние роптаме, ние се симнуваме од крстот и не го носиме, како што се случило со св. Петар во Рим. Кога настанале гонења на Христијаните од страна на римскиот цар Нерон, тој сакал да замине од градот, но попат го сретнал Господ Исус Христос како влегува во Рим и го запрашал каде оди? Христос му одговорил: Ке одам повторно да пострадам со што Петар сфатил дека го напушта подвигот и повторно се откажува од Христос, се покајал и се вратил во градот маченички да постарада.
Значи, страданијата се благословени од Господ за наше исцеление и спасение. Тие страданија се орудие преку кое ние доаѓаме до ослободување на своето срце од страстите и просветление на умот и обожение. Претрпувањето на болката е најсигурен лек за исцелување на нашето срце од страстите. Болката најдлабоко влегува во срцето и од таму ги вади и осветлува сите страсти, затоа ние треба благодарствено да ги примаме сите искушенија кои што директно влијаат за наше спасение. И лека полека од борба во борба нашето срце се чисти од старстите, ние се продухувуваме и страданијата се намалуваат, така да благодатта на Светиот Дух ги покрива и не радува како што се случува со светителите и мачениците за Христос.
Секој од нас, лично, го поминува тој животен пат на страдание; бесловесни и словесни страданија, разумни и неразумни, освестени и неосвестени, волни и неволни. Ако секој кој е тронка искрен, самиот ќе дојде до заклучок дека тоа што му се случува се е заради него, заради тоа што греши но и затоа што Господ не сака и ни дава шанси да се ослободиме и спасение.
Господи, дај ми мирно да го примам
она што денов денешен ми го носи
и целосно да и се предадам на Твојата Света волја.
Упати ме и помогни ми во секој миг од денов:
каков било глас да добијам,
научи ме мирно и со цврста вера
да восприемам дека се е по Твојата Света волја.
Управувај со моите мисли, со моите сетила
и со сите мои дела и зборови.
Не допуштај во непредвиден случај
да заборавам дека се од Тебе доаѓа.
Научи ме добро да се однесувам
спрема родителите и спрема ближните,
никого да не го разгневам или да го оскрбам.
Господи, дај ми сили да ја поднесам
Тежината на денот денешен
и се што во него ќе ми се случи.
Управувај со мојата волја и научи ме
да се молам, да верувам, да се надевам,
да поднесувам, да простувам и да љубам.
Господи, дај ми да бидам орудие на Твојот мир,
та таму кај што има омраза да сеам љубов,
кај што има осуда - простување,
кај што има раздор - слога,
кај што има очај - надеж,
кај што има темнина - светлост,
кај што има жалост - радост.
0 Божествен Учителу,
нека не бидам утешуван, туку
јас други да тешам;
нека не ме трпат мене, туку
јас да имам трпение за сите;
не мене да ме љубат, туку
јас сите да ги љубам.
Зашто кога простуваме, тогаш
и нам ни се простува;
кога даваме, тогаш добиваме;
а кога умираме, тогаш се рагаме за живот вечен.
Свет Духу, помошник биди ми
денов денешен да Му Го посветам
на мојот Господ и Спасител.
Господи Исусе, Сине Божји,
поарно е да не се живее
одошто да се живее без Тебе или против Тебе.
Ти благодарам, Боже,
за дарот на овој ден и за секое добро
за коешто ќе ми помогнеш денеска да го сторам.
Избави ме, милостив Боже,
од желбата за самоугодување,
и удостој ме во секој миг да бидам подготвен
заради Тебе и заради ближниот свој
да се откажам од себеси,
зашто за таа служба и Си ми го дал животот.
Помогни ми од себе да го отфрлам
сето она што не е Твое,
а она што е Твое да го примам
во длабока вера, надеж и љубов.
Дај ми ревност со која постојано ќе Ти служам:
да ја поставам правдата над користа,
да го поставам чинењето на благочестиви дела
над минливите задоволства,
да ги поставам другите над себеси
за да ја исполнам Твојата заповед на љубовта.
Стори светлоста на Твојата убавина, добрина
и љубов да заблескаат во мојава душа. Амин.
